dПелистер со победа ја почна новата сезона во АБА 2 лигата и најави дека ќе се бори за втората фаза од регионалното натпреварување.
Во Битола „падна“ босанскиот претставник Широки со 74-72, но впечаток е дека македонскиот вицешампион можеше да слави поубедливо. На средина од последниот квартал разликата изнесуваше 13 поени, но Пелистер потоа се доведе во ситуација да ја спасува победата. Тоа го потенцираше и тренерот Александар Петровиќ кој, сепак, изрази задоволство од триумфот.
„Сигурно не требаше да дозволиме да има драма, кога веќе на четири минути до крајот имавме плус 13 и наш напад. Сепак, брзоплетоста на нашите играчи придонесе предноста брзо да се истопи. Се влезе во неизвесна завршница, но и во тие последни секунди имавме контрола над резултатот… Им честитам на моите играчи кои дадоа се од себе, од прв до последен кои влегоа на терен и дадоа свој придонес. Мечот се одигра во еден одличен амбиент, вистински спектакл, верувам дека на следниот натпревар ќе имаме уште повеќе публика “, рече Петровиќ.


