Назначувањето на Небојша Човиќ за претседател на Кошаркарскиот сојуз на Србија не го прифатија со задоволство челните лица на Партизан.
Првиот човек на „црно-белите“, Остоја Мијаиловиќ се огласи на Твитер и таму откри дека Партизан не гласал за изборот на Човиќ. Притоа го изнесе своето мислење за новиот предводник на српската кошарка.
„Сметам дека претседателот на националниот Сојуз треба да биде угледен, чесен и способен човек, а со ваквиот избор е деградиран и посрамен секој што на кој било начин е вклучен во нашата кошарка“, напиша, меѓу другото, Мијаиловиќ.
Многу пожесток беше спортскиот директор на клубот Зоран Савиќ кој дури и го навреди својот досегашен голем ривал.
„Кога кловнот се вселува во палата, тој не станува крал, туку палатата станува циркус“, напиша славниот кошаркар на Инстаграм.
Последните три години Мијаиловиќ и Савиќ водеа големи битки со Човиќ, како на терените, така и надвор од него, а од изборот на новиот претседател не е воодушевен ниеден навивач на Партизан.


