На ден пред почетокот на новата сезона во Евролигата, Партизан остана без американскиот интернационалец Дуан Вашингтон што ќе биде огромен проблем за тимот.
Вашингтон е дел од трејдот на Њујорк, Минесота и Шарлот во кој главни ѕвезди беа Џулиус Рендл и Карл Ентони Таунс. Никс мораа да вклучат уште еден играч во зделката за да се израмнат бројките во селари капот, па го трејдуваа Вашингтон во Шарлот кој освен играчот на Партизан, ги доби уште Дакуан Џефрис, Чарли Браун и три пика во втората рунда.
Сега следува најавениот потег на Хорнетс кои треба да го отпуштат Вашингтон, а потоа тој ќе потпише нов договор со Партизан. Проблем за „црно-белите“ е тоа што не се знае колку точно ќе трае целиот процес и колкав период ќе биде отсутен кошаркарот. Многу веројатно нема да игра утре против Басконија, но дополнително ќе се знае кога ќе се врати.
Од целата зделка, Партизан ќе инкасира околу еден милион долари што не е мала сума во овој момент.


