Резултатите на почетокот од новата сезона не се единствениот проблем со кој се соочува тренерот на Реал, Чус Матео.
Во првите два меча, мадридскиот гигант претрпе два пораза, го загуби трофејот од Суперкупот на Шпанија, а потоа доживеа бламажа од новиот член на АЦБ лигата, Ла Коруња на отворањето на шпанското првенство. Сепак, покрај поразите, проблем е и дисциплината во тимот бидејќи, како што тврдат шпанските медиуми, дошло до тепачка меѓу двајца играчи.
Во центарот на вниманието е новиот член на Реал, Ксавиер Ратан-Мејс кој, наводно, се степал со еден од ветераните во тимот чие име уште не е објавено. Ратан Мејс дојде во Реал како најдобар стрелец во ВТБ лигата, но во првите три меча не покажа ништо од тоа и досега постигна само осум поени на три меча. Против Ла Коруња не се запиша во листата на стрелците што значи дека уште го чека првиот кош во АЦБ лигата.
Поради ова, раководството и стручниот штаб размислуваат да ја прекинат соработката со него, но тоа ќе биде тешко изводливо од две причини. Прво, Реал и онака „кубури“ со кошаркари и тренерот Чус Матео побара да му бидат донесени нови играчи поради напорното темпо до крајот на сезоната. Второ, Ратан Мејс има договор до јуни 2026 година и евентуалниот раскин скапо ќе го чини мадридскиот клуб. Ако успее да се ослободи од него, Реал ќе отвори место за странски играч и ќе може да донесе квалитетен кошаркар на позицијата 4 која остана испразнета по заминувањето на Гершон Јабуселе.


