Најдобриот македонски кошаркар Ненад Димтријевиќ конечно ќе дебитира во Евролигата, како игграч на Олимпија Милано.
Во редовите на италијанскиот првак тој дојде во текот на летото од Уникс каде се промовира во еден од најдобрите бекови во Европа. Лани беше прогласен за МВП на финалната серија, а оваа сезона за МВП на основниот дел во ВТБ лигата. Уникс се обидуваше по секоја цена да го задржи во своите редови, но пресуди желбата на Димитријевиќ да заигра во најсилното клупско натпреварување. Вечерва од 19 часот Олимпија Милано гостува кај Монако во првото коло од новата сезона што воедно ќе биде и прв меч за Димтријевиќ во Евролигата.
„Пред нас е многу тежок натпревар со силен ривал кој игра на највисоко ниво веќе три години, а лани стигна и до завршниот турнир од Евролигата. Монако е физичка силна екипа, со кошаркари кои поседуваат голем талент. Ние треба да му пристапиме на натпреварот таков каков што е – тежок предизвик од кој можеме да излезе како победници само со максимално залагање. Оваа шанса ја чекав со години, привилегија е да дебитирам во Евролигата во тим како Олимпија Милано“, изјави Димитријевиќ пред натпреварот со Монако.
Олимпија Милано со Нено во составот ќе се обиде да го поправи впечатокот од минатата сезона која ја заврши на 12. место и не успеа да се пласира во плејофот.


