Новата сезона во Првата македонска лига е на прагот, официјално почнува утре во 13 часот со мечот меѓу ТФТ и МКК Куманово, а може да донесе неколку големи достигнувања во домашната кошарка.
Со оглед на тоа што прв фаворит за титулата повторно е МЗТ Скопје, капитенот и тренерот на тимот од Аеродром се во центарот на вниманието. Ако нема изненадување, тие ќе бидат рекордери или ко-рекордери по завршувањето на сезоната.
Дамјан Стојановски ја почнува 12. сезона во тимот на МЗТ Скопје и ќе се обиде да ја освои јубилејната десетта шампионска титула. Толку во моментов имаат неговиот повозразен брат Огнен и поранешниот репрезентативец на Македонија, Марјан Ѓуров. Разликата е во тоа што Дамјан сите свои титули ги освои со само еден клуб – МЗТ Скопје.

Голема шанса да го запише своето име во историјата на клубот и на македонската кошарка има тренерот на МЗТ Скопје, Васко Атанасов. Тој веќе освои пет трофеи со клубот од Аеродром, но има голем предизвик да дојде до шампионската титула затоа што такво нешто ќе го однесе пред најголемите тренерски величини во Македонија. Ако ја освои титулата, Атанасов ќе стане прв тренер на МЗТ со три шампионски трофеи, а воедно ќе биде прв во историјата на Првата лига кој три пати пати по ред бил првак на Македонија.
Досега ниеден тренер не успевал да освои хет-трик титули (три во низа), најмногу до две стигнувале: Александар Књазев, Марин Докузовски, Стерија Андоновски, Јорданчо Давитков и Емил Рајковиќ. Со евентуален трет трофеј, Атанасов ќе се израмни со Стерија Андоновски и Емил Рајковиќ кои имаат вкупно три титули во домашното првенство, а пред него ќе остане само Докузовски со 7.


