Со три натпревари, денеска официјално почнува новата сезона во Првата македонска кошаркарска лига.
Сезоната е 33. по ред, но ќе се добие 32. шампион затоа што поради пандемијата со корона вирусот, во 2020 година не беше прогласен првак. Најтрофеен клуб останува Работнички со 15 трофеи, но во последните 15 години овој клуб само еднаш беше шампион на Македонија, а во меѓувреме доминацијата ја презеде МЗТ Скопје кој и сезонава ја брани титулата.
Од играчкиот кадар, но и од општата состојба во клубовите, ќе биде голема сензација ако кој било друг, освен МЗТ Скопје го освои шампионскиот пехар. Од 2012 година, клубот од Аеродром стави 11 трофеи во своите витрини и се чини дека нема вистинска конкуренција во походот кон 12. За разлика од конкурентите, МЗТ не направи коренити промени во својот состав, смени тројца од четворицата странци, а остана без Дамјан Робев кој имаше голем придонес во претходните успеси, пред се во освојувањето на пехарот од Купот на Македонија минатата сезона. Затоа останаа главните играчи – Дамјан и Војдан Стојановски и Бојан Крстевски кои иако во поодминати години, го имаат шампионскиот ген и не дозволуваат МЗТ да падне од тронот.

Како и претходните три сезони, најголем ривал на аеродромци треба да им биде Пелистер кој финансиски е можеби најстабилен клуб во земјава. За разлика од МЗТ, битолчани го сменија речиси целиот ростер, оставија само тројца од минатата сезона, а направија и тренерска смена, па на местото на Радуловиќ дојде Александар Петровиќ. Во Суперкупот против МЗТ, Пелистер одигра извонредно прво полувреме за потоа да доживее голем пад во својата игра и на крајот убедливо да загуби. Тоа веројатно ќе биде најголем проблем за тимот на почетокот од новата сезона во која веќе во второто коло го пречекува МЗТ Скопје.
Работнички не успеа финансиски и резултатски да се консолидира и новата сезона ја очекува со многу интерни проблеми. Веќе отпушти еден од странските кошаркари кои ги донесе летово, а нема најави дека нешто би се сменило на подобро во блиска иднина. Тоа повторно го прави клубот од Градски парк аутсајдер во однос на МЗТ и Пелистер и затоа се мали шансите да го освои првиот трофеј по 2018 година.
Од останатите екипи, еуфорично лето имаа ТФТ и Чаир кои значително се засилија и со високи амбиции ја очекуваат сезонава. Тиквеш доживеа нова трансформација и се врати на своите корени, но се чини дека повторно ќе биде стабилен прволигаш, Кожув исто така се стабилизира и се враќа на старите патеки по минатата тешка сезона, Феникс остана без Бојан Трајковски кој се пензионира и целта на клубот повторно ќе биде промоција на млади играчи од својата школа. Гостивар и Вардар се засилија во последен момент, а интересен ќе биде моментот со дебитантот МКК Куманово и повратникот Шкупи кои со ангажманот пред сезоната покажаа дека се подготвени за борба за висок пласман.
Во рамките на првото коло, денеска и утре има по три натпревари, а интересно е што денешните ќе се играат на едно место – во СРЦ Кале од 13, 16 и 19 часот..


