Екипата на ТФТ го има можеби најголемото засилување и најголемата ѕвезда во Првата македонска кошаркарска лига оваа сезона.
Дерин Говенс уште на стартот покажа дека е неверојатен играч и еднаков на своето реноме што го има во европската кошарка. Американецот, кој од неодамна е и ко-сопственик на ТФТ, одигра извонреден натпревар на отворањето на новата сезона и најзаслужен што тимот од Тафталиџе го совлада МКК Куманово со 81-70.
МКК Куманово во Скопје допатува некомплетен бидејќи уште не стигнале дозволи за регистрација на Луковиќ и Радукиќ, ама и покрај тоа даде сериозен отпор речиси три четвртини. Одлично отвори, водеше со 10-2 по четири минути игра, а ТФТ во првото полувреме водеше само околу две минути. Во првиот дел одличен беше Волер кој погоди четири тројки, но во продолжение тој застана и тука почнаа проблемите за МКК Куманово. Ротацијата на гостите беше куса поради неиграњето на дваајцата спомнати кошаркари, па до израз дојде заморот, а тоа придонесе да се зголеми бројот на загубени топки.
ТФТ го искористи тој момент и прво со серија од 10-0 отиде на 47-43, а подоцна и на 56-49. МКК Куманово не се предаде, го врати водството на стартот од последниот период (60-58), но не го издржа последниот удар на домашниот тим. Предводен од Говенс, како и Мекиќ, ТФТ постигна осум поени по ред за 66-60, а на четири минути пред крајот првпат дојде до двоцифрена предност (64-54). Тука беше крајот на сите надежи на МКК Куманово дека може да дојде до историска победа во елитната конкуренција.
Говенс беше убедливо најдобар играч на мечот, со 23 поени, 7 скока и 4 асистенции за индекс 30. Одлично деби во новиот клуб имаше и Мекиќ кој постигна 17 поени и 6 скока, како и Гринли кој заврши со 14 поени. Тадија Тадиќ го предводеше МКК Куманово со 25 поени и може да се очекува, кога ќе се решат проблемите со регистрацијата, заедно со Волер, Луковиќ и Радукиќ, кумановци да бидат многу поконкурентни во првенството.


