Иако со многу проблеми последниот период, екипата на Работнички го извади најдоброто од себе и го победи Феникс во еден од најлудите натпревари во домашното првенство последните години.
Тимот од Градски парк, кој денеска остана без уште еден странец, славеше со 90-85, а мечот го одбележаа неверојатните пресврти и долги серии поени на двете екипи. И Работнички и Феникс имаа низи од по 19 поени што ретко се гледа на кошаркарските терени и во земјава и во странство.
Работнички одлично го почна мечот, шутот перфектно функционираше во првата четвртина, па момците на Горан Самарџиев реализираа седум тројки во воведните 10 минути и стигнаа до своето највисоко водство, од 15 разлика (34-19). Веројатно никој во тие моменти не можеше ни да претпостави дека ќе дојде до огромен пад во играта на домашниот тим.
Следуваше серијата на Феникс од 19-0 за преземање на водството на 38-34, вториот период гостите го добија со неверојатни 35-8, а на четири минути пред крајот на третата четвртина го достигнаа и највисокото водство (68-54). И повторно дојде до неочекуван пад, сега на екипата на Феникс која дозволи Работнички да направи 19-0 за предност од 73-68. За разлика од противникот, тимот од Градски парк сега успеа да го одржи водството до крајот и да дојде до победа.
Триумфот на Работнички добива на значење бидејќи е остварен со само седум кошаркари (Стојановски играше вкупно 14 секунди) бидејќи на загревањето се повреди српскиот интернационалец Михаило Јовичиќ. Репрезентативецот Стојан Ѓуроски беше најефикасен со 28 поени, вклучувајќи 7 тројки од 11 обиди, а го следеа Робев и Полутак со по 15 поени, Шошкиќ со 13 и Ефремовски со 10. Феникс го имаше фантастичниот Гранд кој реализира 37 поени, но немаше доволно помош од останатите кошаркари.


