Претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија, Перо Антиќ се шегуваше на сметка на Богдан Богдановиќ, но со својата изјава ги изнервира најжестоките навивачи на Партизан.
Зборувајќи за актуелниот репрезентативец на Србија, тој рече дека сигурно еден ден ќе го однесе во редовите на својот поранешен клуб Црвена Звезда.
„Пред два дена се допишувавме. Константно сме во контакт, се шегуваме, бевме цимери. Ќе го донесам во Звезда кога-тогаш. Рече дека кариерата ќе ја заврши во Партизан, но мислам дека тоа ќе биде Црвена Звезда“, рече Антиќ кој денеска присуствуваше и на мечот меѓу Игокеа и Будуќност.
Навивачите на Партизан полудеа поради зборовите на Антиќ и на социјалните мрежи остро го нападнаа нашиот поранешен репрезенттивец. Богдановиќ не само што е некогашен играч на Партизан, туку и еден од милениците на фановите на овој клуб и не пропушта прилика да ги следи во живо натпреварите на „црно-белите“, особено во финишот од сезоната, кога нема обврски во НБА. Антиќ и Богдановиќ играа заедно во Фенербахче со кого во 2017 година ја освоија титулата во Евролигата.


