Во рамките на второто коло од италијанското првенство, Олимпија Милано денеска го пречекува Сасари и тоа ќе биде прв натпревар на домашен терен за овој тим во новата сезона.
Шампионот досега одигра четири официјални дуели, но двата во Суперкупот се одржаа во Болоња, минатата недела гостуваше во Трст во првото коло од Лега Баскет А, а пред три дена се сретна и со Монако на гостински терен на стартот од Евролигата. Од последниот меч во Форум арената поминаа 11 дена, а на тој дуел Олимпија ја освои 31. шампионска титула во домашното првенство.
Денешниот меч ќе биде прв пред домашната публика и за македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ кој летово се пресели во редовите на италијанскиот првак. Новиот плејмејкер немаше можност да настапи пред навивачите на Олимпија бидејќи дури и за време на подготовките, тимот од Милано на домашен терен играше зад затворени врати. Натпреварот против Сасари се игра од 18:15 часот, а на него Олимпија ќе се обиде да дојде до првата победа во новата сезона.


