Бранителот на титулата во АБА лигата, Црвена Звезда го претрпе и вториот пораз во регионалното натпреварување.
Откако пред две недели загуби на гостувањето во Дубаи, вечерва „црвено-белите“ загубија и од Сплит кој против актуелниот шампион го оствари првиот триумф во АБА лигата сезонава (85-78). За поранешниот европски шампион ова е прва победа против Црвена Звезда по пауза од 13 години. По само три одиграни кола, бранителот на титулата има два пораза, а лани во текот на целата сезона претрпе вкупно четири.
Белградскиот тим во текот на целиот меч не успеваше да го најде својот посакуван ритам и покрај тоа што во третата четвртина водеше и со осум поени разлика (58-50). Сплит одговори со серија од 8-0, кон средината на последниот квартал го презеде водството, а по низата од девет поени по ред отиде на 78-71 и успеа предноста да ја задржи до крајот.
Звезда веќе заостанува две победи зад водечкото трио Будуќност, Мега и Партизан и се наоѓа на седмото место со биланс 1/2, колку што сега има и Сплит.


