Вицешампионот на Македонија, Пелистер со убедлива победа ја почна новата сезона во која повторно има највисоки амбиции.
На секогаш тешкото гостување во Кавадарци, кај Тиквеш, битолчани славеа со 96-84, но во текот на мечот имаа и 21 поен разлика. Тиквеш беше рамноправен ривал само во првата четвртина која гостите ја добија со 23-21. Во вториот квартал почна доминацијата на Пелистер кој брзо направи двоцифрена предност и на голем одмор замина со 49-37.
Највисоката предност, вицешампионот ја достигна во третиот период во кој поведе со 65-44 по што мирно го приведе мечот кон крај. Тиквеш ја искористи опуштеноста во противничките редови за барем да ја намали високата негатива и да се избори за пристоен пораз.
Едвардс со 18 поени го предводеше тимот на Пелистер, Стајиќ постигна 16, а Мишковиќ 15. Во тимот на Тиквеш, Куери беше најефикасен со 23 поени, а Грин додаде 18.


