Екипата на Чаир ја оствари втората најубедлива победа во воведното коло од новата сезона во Првата кошаркарска лига.
На домашен терен, чаирчани го победија Кожув со 99-79 и за само еден поен испуштија да ја остварат првата „стотка“ во првенството. Веројатно тоа ќе се случеше ако победникот не беше познат уште на стартот од последниот квартал, па тренерот Ерхан Рамадан со „втора“ постава го дочека крајот на мечот.
Кожув беше одличен во првото полувреме и по серијата од 11-0 во првата четвртина поведе со 26-15, изненадувајќи го фаворизираниот ривал. Чаир брзо се врати во игра, но гостите сепак ја сочуваа предноста до крајот на првото полувреме и на голем одмор заминаа со минимална предност (41-40).
Израмнето беше до пред крајот на третиот квартал, а потоа дојде периодот кој го одлучи победникот на овој натпревар. Во период од четири минути меѓу третата и последната четвртина, Чаир направи серија од 19-0 и од 65-59, отиде на 84-59. До крајот на мечот Кожув само делумно успеа да ја намали негативата, но сепак си замина со убедлив пораз.
Повратникот во тимот Диванте Мофит беше најефикасен кај чаирчани со 26 поени, но се истакна и Кели со 22 поена и 13 скока. Чаир го преживеа фантастичниот Стевановиќ кој постигна 39 поени, безмалку половина од вкупниот број на неговиот тим.


