Најголемиот фаворит за титулата во домашното првенство МЗТ Скопје застана на чело на табелата уште во првото коло од новата сезона.
Аеродромци одиграа максимално ангажирано во дуелот со повратникот во елитата Шкупи и не само што не дозволија изненадување, туку ја остварија најголемата победа во воведниот круг од шампионатот. Како гостин во Кале, шампионот славеше со 95-59 и уште на стартот стави до знааење дека повторно ќе атакува на трофејот. Триумфот беше важен за кревање на самодовербата пред исклучително тешката недела во која МЗТ прво гостува во Загреб кај Цедевита Јуниор, а потоа и кај Пелистер во второто коло од домашниот шампионат.

Втората најубедлива победа во овој круг ја оствари Чаир кој со 20 разлика го совлада Кожув, Пелистер славеше во Кавадарци со 96-84, а двоцифрен триумф освари и ТФТ против МКК Куманово.

Сепа, ова е само прво коло од новата сезона, големите возбудувања допрва следуваат, а веќе претстојниот викенд е и првото дерби, спомнатото меѓу Пелистер и МЗТ Скопје во Битола.


