Српскиот прволигаш Џокер, кој е во сопственост на Никола Јокиќ, неочекувано ја прекина соработката со искусниот стручњак Жељко Лукајиќ, по мечот од првото коло на КЛС, против Младост Земун.
Џокер доживеа пораз на тој натпревар, но сепак како гром од ведро небо дојде информацијата дека популарниот Струја добил отказ. Четири дена претходно тимот од Сомбор оствари историска победа против Подгорица во АБА 2 што е прв триумф за клубот на меѓународна сцена во неговата историја.
„Должен сум во името на Џокер, но и во свое лично име, да му се заблагодарам на Жељко Лукајиќ и неговиот помошник Миљан Ивановиќ за коректната и професионална соработка, како и на придонесот што го имаа во афирмацијата и развојот на нашиот клуб и кошарката во Сомбор“, изјави спортскиот директор на Џокер, Срѓан Стојков.
Лукајиќ краток период беше тренер и на МЗТ Скопје пред крајот на 2017 и почетокот на 2018 година, но може да се пофали дека работел и во голем број славни клубови во Србија и регионот. Неговото заминување значи дека Џокер против Пелистер во третото коло од АБА 2 лигата ќе игра со нов тренер чие име наскоро ќе биде познато.


