Македонскиот првак МЗТ Скопје утре заминува за Загреб каде ќе ѝ гостува на Цедевита Јуниор во второто коло од АБА 2 лигата, а со овој меч почнува пеколот за тимот од Аеродром.
Тимот предводен од Васко Атанасов ќе има неверојатни 48 часа во кои го очекуваат два исклучително важни натпревари. Дуелот со Цедевита е закажан за четврток (10 октомври) од 18 часот во хрватската престолнина, по неговото завршување екипата се враќа во Скопје, но ќе стигне во раните утрински часови и ќе има многу кратко време, веројатно за еден полесен тренинг, да се подготви за она што следува.
Веќе в сабота (12 октомври) од 18:30 часот МЗТ Скопје му гостува на вицешампионот Пелистер во првото дерби од домашното првенство во новата сезона. Со оглед на тоа што и Пелистер во вторник има гостување во Подгорица во АБА 2 лигата, не постоеја никакви шанси да се одложи или смени терминот на дерби-дуелот од македонското првенство.
Кој ќе профитира од ваквата ситуација, ќе се знае в сабота навечер кога сите очи на македонската кошаркарска јавност ќе бидат насочени кон Битола.


