Работнички синоќа доживеа убедлив пораз од Војводина во второто коло од АБА 2 лигата што и не беше големо изненадување ако се знае дека нашиот тим замина за Нови Сад десеткуван, а во своите редови во моментов има едвај десетина играчи.
И во такви услови, „центарци“ одиграа добро прво полувреме во кое не дозволија противникот да се одлепи. Во продолжение дојде заморот бидејќи товарот го изнесоа седум кошаркари, па Војводина оствари убедлив триумф. Тренерот Горан Самарџиев по мечот му честиташе на ривалот и изрази надеж дека на проблемите брзо ќе им дојде крајот.
„Ѝ ја честитам победата на екипата на Војводина, денеска беше подобра од нас. Ние поминуваме низ една криза и се надевам дека брзо ќе ја пребродиме. Дојдовме со девет играчи, Јовичиќ е повреден и ни недостасуваат уште двајца кошаркари, но што е, тука е. Треба да извлече поуки од овој натпревар, имаме млад тим кој не е искусен, а Војводина е еден од фаворитите за пласман во АБА 1 лигата“, рече Самарџиев.
Во текот на вчерашниот ден, советот на Општина Центар му одобри на Работнички финансиска помош од 4,5 милиони денари кои треба да помогнат во подобрувањето на состојбата на клубот.


