Министерот за спорт на Република Македонија, Борко Ристовски на денешната прес-конференција по повод 100 дена Влада, зборуваше и за распределбата на финансиска средства за врвен спорт.
Тоа се средства надвор од т.н. ваучер и служат како дополнителна помош на клубовите и поединците кои се натпреваруваат на меѓународна сцена. Ристовски назначи дека на кошаркарските клубови не им следуваат пари од овој фонд затоа што не учествуваат во натпреварувањата на ФИБА.
„Распределбата за врвниот спорт ја направивме врз основа на учеството на сите оние кои се натпреваруваат во Европа и кои учествуваат во официјални натпреварувања. Во конкретниот случај, можам да кажам дека кошаркарите не ја добија таа помош затоа што не учествуваат во натпреварување поддржано од ФИБА. АБА 2 не е официјално натпреварување под закрила на ФИБА. Ако во иднина, МЗТ Скопје, Работнички и Пелистер се пријават за учество во натпреварувања на ФИБА, ќе ја добијат нашата финансиска поддршка. Законите, критериумите и правилата се такви што не можеме да финансираме регионални натпреварувања, АБА 2, па дури и АБА 1 е регионално натпреварување и тоа би било спротивно со законот и нашите критериуми“, рече Ристовски.
Од македонските клубови, во натпреварувањата на ФИБА лани учествуваа Работнички и Феникс во квалификациите за ФИБА Европа купот, а во 2022 година ТФТ настапи во квалификациите за Лигата на шампионите. Со оваа изјава на Ристовски индиректно се стимулира излегување од АБА лигите и влез во ФИБА куповите иако Лигата на шампионите и ФИБА Европа купот не се најсилни клупски натпреварувања во Европа.


