По лесниот и убедлив триумф против Теодо во првото коло, македонскиот шампион МЗТ Скопје денеска од 18 часот гостува кај Цедевита Јуниор во вториот круг од АБА 2 лигата.
Во Кошаркарскиот центар „Дражен Петровиќ“ во Загреб, аеродромци ќе се обидат да дојдат до втората победа која би ги донела на чекор од пласман во следната фаза во регионалното натпреварување. Ова ќе биде втора меѓусебна пресметка на овие две екипи откако се сретнаа лани, во првото коло од АБА 2 кое тогаш се играше по друг систем, а триумфираше Цедевита Јуниор со 92-79. Интересно е тоа што од тој дуел помина точно една година бидејќи се одигра на 10 октомври 2023.
Македонскиот првак досега одигра три официјални натпревари од почетокот на сезоната и триумфираше на сите три. Во домашниот Суперкуп го совлада Пелистер, во АБА 2 славеше против Теодо, а во првото коло од првенството беше убедлив против Шкупи. Екипата се наоѓа во одлична форма, сите играчи се здрави и подготвени за голема борба во Загреб.
Вчера се одигра првиот меч од второто коло во оваа група, Домжале на домашен терен го совлада Теодо со 69-62.


