Kошаркарите на Фенербахче и Анадолу Ефес, Тарик Биберовиќ и Илајџа Брајант го одбележаа дербито на Истанбул во рамките на Евролигата.
Во финишот од третата четвртина двајцата влегоа во физичка пресметка откако Биберовиќ тргна кон противничкиот кош, Брајант се обиде да го блокира, но не успеа и потоа двајцата завршија на под. Од засега непознати причини, двајцата кошаркари потоа се фатија за гуша и почнаа да се борат, а официјалните лица и соиграчите спречија да си удрат и по некој бокс. Епилогот беше исклучување на двајцата, а фотографиите кои излегоа подоцна покажаа дека и додека се наоѓале на подот, Биберовиќ и Брајант се однесувале како ѕверови.

Брајант го гризнал противничкиот кошаркар и во Турција за него бараат суспензија слична на оние кога Луис Суарез им го направи истото на Бранислав Ивановиќ во 2013 и Џорџо Кјелини во 2014 година. Во првиот случај Премиер лигата го казни со 10 натпревари неиграње, а во вториот ФИФА му забрани четири месеци да пристапи на фудбалски терен, без разлика дали е тренинг-центар или стадион, па тој не можеше ни да тренира со Барселона за која потпиша летото 2014.
Ни Биберовиќ не бил наивен иако во „борбата“ се наоѓаше во подредена позиција. Тој го гребел Брајант за што кошаркарот на Ефес приложи фотографии. Јасно е дека на двајцата им претстои суспензија, колкава ќе биде таа, ќе се знае веројатно идната недела.


