Францускиот вицешампион Париз го доживеа вториот пораз во Евролигата откако вчера загуби на гостувањето кај Олимпија Милано.
Заедничко за првите два настапа во дебитантската сезона во елитното натпреварување е тоа што Париз имаше високо водство во текот на натпреварите, против Звезда +13, а синоќа +8, но не успеа да го сочува. Тоа веројатно се должи на неискуството на играчите на Париз во Евролигата со оглед на тоа што голем дел од нив првпат играат во оваа конкуренција. Втората заедничка работа е тоа што на двата меча блескаше македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс кој е убедливо играч на францускиот тим. Тоа го потенцира и тренерот на Париз, Тијаго Сплитер.
„Ти Џеј Шортс е ѕвер, еден од најталентираните плејмејкери кои сум ги видел во животот. Ја познава играта, ја чита совршено, може да постигнува кошеви, да додава, да биде лидер… Може се и сето тоа го прави на највисоко ниво. Ми се чини дека кај него не постои разлика кој се наоѓа на другата страна“, изјави бразилскиот стручњак.
По првите два меча во Евролигата, Шортс има просек од 16,5 поени, но во следниот период од него може да се очекува уште повеќе.


