По два одиграни меча во новата сезона во Првата лига, екипата на ТФТ е со максимален ефект по две драматични победи.
Откако минатиот викенд го совлада МКК Куманово на домашен терен, вечерва тимот од Тафталиџе славеше и на гостувањето кај Гостивар со 61-60. Натпреварот беше решен буквално во последната секунда, со кошот на Страхил Николов откако претходно, на пет секунди пред крајот, Гостивар го презеде водството.
Гостивар испушти да ја оствари втората победа и покрај тоа што во текот на мечот имаше предност и од 14 поени разлика. По катастрофалната прва четвртина за двете екипи (9-4), домаќините ја презедоа иницијативата и на две минути пред крајот на полувремето ги достигнаа највисоките 31-17. ТФТ брзо се тргна од шокот, намали дел од високата негатива, но до втората минута од последниот квартал не можеше да ја достигне предноста на Гостивар.
Оттогаш до крајот двете екипи со секој напад се менуваа во водство. Во последната минута со минимална предност влезе ТФТ (59-58), но на пет секунди пред крајот Максим Митевски беше фаулиран од Страхил Николов и доби две слободни фрлања. Прецизен беше во двата обида и се чинеше дека домаќините ќе дојдат до вториот триумф во сезоната, но со тоа не се согласија гостите. Смилковски ја нацрта акцијата, играчите ја спроведоа, а Николов со сирената донесе триумф за ТФТ.
Токму Николов беше најефикасен кај гостите со 18 поени, Мекиќ додаде 14, а Говенс 13. Соколов и Митевски со по 17 поени го предводеа Гостивар, но домашната екипа немаше помош од резервните играчи бидејќи ниеден од нив не се запиша во листата на стрелците.


