По пет порази во низа во меѓусебните дуели, Пелистер конечно успеа да го победи МЗТ Скопје и делумно да се одмазди за сите фрустрации оваа година, претежно во финалните дуели.
Во првото големо дерби од новата сезона во Првата лига, вицешампионот го совлада бранителот на титулата со 68-67, добивајќи го драматичниот дуел во кој победникот беше неизвесен до последната секунда. Двете екипи во последната четвртина повеќе пати се сменија во водство за на крајот рулетот, сепак, да застане на зелено, на задоволство на бројните домашни навивачи.
Највисокото водство на еден од тимовите изнесуваше седум разлика, го имаше МЗТ Скопје, но по неполни три минути игра (7-0). Пелистер брзо се врати, дури и го презеде водството, но на крајот од првата четвртина гостите имаа 21-19. На стартот од вториот квартал Пелистер ја презеде контролата над резултатот и со мали прекини ја имаше до почетокот на последната четвртина. Тогаш почна резултатската нишалка, но последните десет минути ги одбележаа големиот број грешки на двете страни.
МЗТ Скопје поведе со 63-59 на седум минути пред крајот, Пелистер одговори со серија од 6-1, а во последната минута се влезе со предност на Пелистер од 66-65. На осум секунди пред крајот Слај беше фаулиран и два погоди од линијата за слободни фрлања за ново преземање на водството, но последниот збор го имаше Антоан кој успеа да поентира и да му донесе победа на Пелистер.
Токму Антоан беше најефикасен во домашниот тим со 16 поени, Костоски додаде 13, а Бојиќ 10. Слај го предводеше МЗТ Скопје со 13 поени, но шампионот го претрпе вториот пораз за два дена откако во четвртото загуби и од Цедевита Јуниор во АБА 2.


