И покрај сите проблеми со кои се соочува и само седумте кошаркари на кои може да смета тренерот Горан Самарџиев, Работнички по две кола во домашното првенство е со биланс 2/0.
Во првиот круг го совлада Феникс, а вечерва беше подобар од Шкупи со 81-73. Интересно е тоа што Работнички доби само една четвртина на овој дуел – втората, но и тоа беше доволно да победа затоа што му припадна со 25-10.
Шкупи одлично го почна натпреварот, по неполни четири минути игра водеше со 15-5, но тука застана. Работнички одговори со серија од 11-0, за на крајот од првиот квартал, сепак, домаќинот на овој меч да води со 29-26. Клучен период од натпреварот беше средината на вториот период во кој Работнички постигна 18 поени во низа, нешто слично на дуелот со Феникс кога имаше 19-0 и на четири минути пред крајот на полувреме водеше со 46-33. Интересно е тоа што во првото полувреме на Шкупи му беа досудени 16 лични грешки, а кошаркарите на Работнички изведоа 18 слободни фрлања. Во финишот од тој дел, тимот од Градски парк ги достигна и највисоките +16 (51-35).
Се чинеше дека тука е крајот на сите дилеми околу победникот, но Шкупи во третата четвртина се доближи на само два поена разлика (57-59). Работнички го одби тој нападот и со 11-3 повторно отиде на двоцифрена предност, но на две минути пред крајот Шкупи повторно дојде на само еден посед негатива (73-76). Во пенал-завршницата, играчите на Работнички беа сигурни и дојдоа до посакуваниот триумф.
Стојан Ѓуроски повторно беше лидер и постигна 20 поени, но се истакнаа и Ефремовски со 17 поени и Полутак со 15 поени и 12 скока. Аранитовиќ го предводеше Шкупи со 18 поени.


