Откако минатата недела доживеа убедлив пораз на гостувањето кај Чаир, денеска поранешниот вицешампион Кожув дојде до првата победа во сезоната, совладувајќи го Вардар со 87-75.
Разликата меѓу тој и денешниот меч е во тоа што гевгелискиот тим тогаш не беше комплетен, а вечерва ги имаше на располагање и новите странци во составот. Затоа и воопшто немаше дилема околу победникот на овој натпревар.
Израмнето беше во првите осум минути, потоа Кожув направи серија од 11-0 и отиде на 31-17, предност која Вардар успеа да ја намали до крајот на полувреме, па на пауза се замина со 44-36 за домашниот тим. И во вториот дел гевгеличани ја имаа иницијативата, но Вардар не дозволи резултатски да се одлепи за да ја обезбеди победата. Тоа се случи дури на две минути пред крајот кога Кожув ги достигна највисоките +18 (86-68) и можеше да почне да ја слави победата.
Стевановиќ со 25 поени беше најефикасен кај Кожув, но се истакнаа и Пилепиќ со 23 поени и Хауард со 17 поени и 12 скока. Хемптон со 27 поени го предводеше Вардар кој се уште нема победа во новата сезона.


