Евролига вчера донесе одлука за суспензија од еден натпревар на играчите на Фенербахче и Анадолу Ефес, Тарик Биберовиќ и Илајџа Брајант поради нивната тепачка на меѓусебниот дуел на двете турски екипи минатата недела.
Двајцата требаше да паузираат денеска на дуелите против Црвена Звезда и Макаби, но по се изгледа тоа нема да се случи. Фенербахче и Ефес поднесоа жалби на казните на своите кошаркари и со тоа ја одложија суспензијата, па Биберовиќ и Брајант најверојатно ќе бидат во комбинација за вечерашните натпревари.
Со тоа, турските гиганти и поранешни европски шампиони ја искористија „дупката во законот“ која минатата недела ја најде Реал Мадрид со случајот Кампацо. Аргентинецот доби суспензија на еден меч поради исклучувањето и дивеењето на дуелот со Баерн, но Реал вложи жалба со која ја одложи казната и плејмејкер играше против Партизан минатата недела. Вчера суспензијата беше потврдена, па Кампацо ќе го нема вечерва против Басконија, но затоа беше најдобар на дуелот со Партизан на кој Реал без него тешко дека ќе дојдеше до триумфот.
Со оглед на тоа што оваа недела има двојно коло во Евролоигата, Биберовиќ и Брајант најверојатно ќе ги одиграат двата меча, а суспензиите ќе ги одлежат идната недела. Прашање е колку е тоа паметно бидејќи Фенербахче денеска ја пречекува Црвена Звезда, в петок игра со Алба, а идната недела се среќава со европскиот шампион Панатинаикос во меч во кој секој играч ќе биде важен. И Ефес можеше денеска да ја помине суспензијата на Брајант затоа што гостува на Макаби пред празни трибини во Белград, в петок се среќава со многу посилниот Олимпијакос, а на 24 октомври гостува кај Олимпија Милано.


