Првиот човек на Партизан, Остоја Мијаиловиќ денеска објави дека клубот ги исчистил долговите кон државата откако уплатил 6 милиони евра за заостанати даноци.
Управата на клубот работеше на тоа претходните две години и на крајот успеа да собере доволно пари за да ги покрие сите обврски. Тоа се случува првпат по две децении.
„Денес е голем ден за Партизан. Со уплатата на 702 милиони динари (околу 6 милиони евра), клубот го подмири комплетниот долг на име данок кон државата. Проблемот со кој се бореше Партизан претходните 20 години, сега е зад нас“, соопшти, меѓу другото, Мијаиловиќ.
Освен со комерцијални спонзори, Партизан успеа да ги покрие долговите и со акцијата која ја спроведе лани, а во која учествуваат пријатели и поранешни и сегашни играчи на клубот. Сите тие донираа средства според своите можности и заеднички го извадија Партизан од големата финансиска дупка во која се наоѓаше.


