Српскиот и АБА шампион Црвена Звезда ја продолжи победничката серија од стартот на сезоната во Евролигата, но го оствари најголемиот триумф во досегашните три кола.
„Црвено-белите“ славеа на гостувањето кај еден од најсериозните кандидати за титулата во елитното натпреварување Фенербахче со неверојатни 19 поени разлика (76-57). Тоа што остави тим како Фенер на само 57 постигнати поени и тоа на негов терен, е неверојатен успех за тимот кој години наназад не успева да влезе во топ-10 во Евролигата.
Звезда во ниеден момент не беше во негатива, а исходот можеше да се насети уште на почетокот. За кратко време, гостите имаа 12-2, пред крајот на првата четвртина 26-10, а на стартот од вториот период и 31-12. Фенербахче покажа знаци на живот со серијата од 12-0 кон средината на вториот квартал со која се доближи на седум поени негатива, подоцна дојде и на -5, но со една серија од 9-0 меѓу третата и последната четвртина, Звезда отиде на 56-42 и го скрши отпорот на домаќинот.
Никогаш досега Звезда не успеала да почне сезона во Евролигата со биланс 3/0. Во АБА не постигнува резултати како што се очекува, но белградскиот тим секако е најпријатно изненадување во новата натпреварувачка кампања во Евролига.


