Иако се одиграа само четири кола од новата сезона во Евролигата, табелата по последниот круг е невидена во историјата на елитното кошаркарско натпреварување.
По триумфот на Барселона против Црвена Звезда, повеќе нема непоразени екипи, а без триумф е само италијанскиот вицешампион Виртус кој оваа сезона продолжи со лошите резултати од минатата. Дури пет екипи се на делба на првото место со биланс 3/1, а потоа следува најинтересното.

Од шестата до 14. позиција на табелата, односно вкупно девет екипи имаа идентичен скор досега – 2/2 што не е забележано по четири одиграни кола. Ова значи дека првите 14 екипи се на еден бод или една победа разлика и јасно е дека во периодот што претстои ќе има големи претумбации на табелата.
Тоа им дава шанса и на големите фаворити кои не стартуваа според очекувањата, како грчките Панатинаикос и Олимпијакос и актуелниот европски вицешампион Реал Мадрид, да го поправат впечатокот во следниот период.


