Поранешниот финалист во Купот на Македонија, Феникс го оствари првиот триумф во сезоната откако славеше на гостувањето кај Вардар со 77-72.
Одлучи второто полувреме во кое тимот од Гази Баба беше подобар бидејќи воведните 20 минути завршија израмнето. Вардар многу подобро го почна натпреварот, водеше безмалку цело прво полувреме, а највисоката предност ја достигна на средината од втората четвртина кога поведе со 33-22.
Феникс брзо се созеде и до крајот на полувремето успеа да ја анулира високата негатива. Во вториот дел сосема поинаква слика, темпото го диктираше Феникс кој брзо направи +7 (53-46), но со тоа не го скрши моралот на Вардар. „Црвено-црните“ на три минути пред крајот се доближија на -3 (65-68), за во следните минути Феникс повторно да отиде на седум поени предност и со тоа да го реши прашањето околу победникот.
Грант, кој е на заминување од Феникс, беше најефикасен о 25 поени на кои додаде 9 скока, а поентерски се истакна и Андреј Митревски кој реализира 17 поени. Рос и Хемптон го предводеа Вардар со по 18 поени.


