Повеќе од три часа траеше 166. „вечно“ дерби на македонската кошарка за на крајот да заврши со победа на актуелниот шампион МЗТ Скопје со 70-56.
Свој придонес за „долгометражното“ дерби беа навивачите на двете екипи кои предизвикаа прекин на стартот од втората четвртина кој траеше 85 минути. Токму тој момент го одбележа дербито, а причина за прекинот беа фрлените петарди по што официјалните лица наредија делумно празнење на трибините, односно исфрлање од салата Кале на на најжестоките навивачи на двете екипи.
Тоа ја засени одличната игра на МЗТ Скопје во првите 11 минути, особено во воведната четвртина која гостинскиот тим ја доби со 28-8, а во неа имаше неверојатна серија од 22-0. По прекинот, во театарска атмосфера, Работнички покажа многу повеќе, успеа да одигра рамноправно, но победникот беше познат уште во третата четвртина по што тренерите на двете екипи почнаа со експерименти и со ротации, па шанса добија и играчи кои обично не се наоѓаат во игра.
Домашниот тим најмногу се доближи на 12 поени разлика, во финишот од мечот, но не доби шанса да дојде до пресврт.
МЗТ Скопје не блескаше, но одигра колку што беше доволно за да ги сочува своите сили за она што следува во АБА 2. Особено се истакна во одбраната бидејќи десетина напади на Работнички завршија без упатен шут. Копривица го одигра најдобриот меч откако е член на МЗТ Скопје, постигна 15 поени со 7 скока, Дамјан Стојановски додаде 11, а Баковиќ 10. Стојан Ѓуроски го предводеше Работнички со 12 поени, но неговиот тим го претрпе првиот пораз во сезоната.


