По неуспешната епизода во Работнички, американскиот кошаркар Весли Персон не ја напушти Македонија, туку остана во овдешното првенство и потпиша договор со друг клуб.
Тој е член на поранешниот финалист во Купот на Македонија, Феникс за кого веќе дебитираше на официјален натпревар. Синоќа настапи во дуелот со Вардар и во победата на својот нов тим учествуваше со четири поени и два скока за 16 минути игра.
Интересно е тоа што со неговиот многу пославен и поуспешен татко со исто име и презиме ги спојува Феникс. Постариот Весли Персон 11 години играше во НБА лигата и беше избран на драфтот во 1994 година како 23. пик од тимот на Феникс Санс каде ги помина првите три сезони од кариерата. Потоа беше член на Кливленд, Мемфис, Портланд, Атланта, Мајами и Денвер пред да замине во играчка пензија.
Помладиот Персон има далеку поскромна кариера. Почна во италијанскиот Розето, а играше уште во Унгарија, Велика Британија и Финска од каде летоска дојде во тимот на Работнички за кого одигра само еден натпревар и тоа во АБА 2 против Сутјеска на кој постигна пет поени и два скока. Колку ќе се задржи во Феникс, ќе покаже времето.


