Екипата на Башкими, на чија клупа е македонскиот стручњак Дарко Радуловиќ останува единствена со максимален ефект во првенството на Косово.
Откако во претходните пет кола ги победи шампионот и вицешампионот Трепча и Ули, во шестиот круг тимот на Радуловиќ беше подобар и од најтрофејниот косовски клуб во историјата Приштина, освојувач на 14 шампионски титули. Башкими славеше убедлива победа, со 93-80 и сега им беа по два бода на конкурентите за највисок пласман.
Најзаслужен за победата беше повремениот македонски репрезентативец Лејсон Зеќири кој заврши како прв стрелец со 18 поени на што додаде четири скока и една асистенција. Зеќири е поранешен играч на Приштина, па очигледно беше екстра мотивиран на овој натпревар.
Башкими и во следното коло ќе има тешка задача бидејќи гостува кај амбициозниот тим на Пеја, но јасно е дека првата четвртина од шампионатот ќе ја заврши на првото место.


