Арбитрите Роберт Лотермозер, Микеле Росин и Василики Карухи прописно се посрамотиле на натпреварот меѓу Црвена Звезда и Барселона кој се одигра во петокот, во рамките на четвртото коло од Евролигата.
Анализата на стручните тела на оваа организација покажале дека судиската тројка направила вкупно седум големи грешки од кои четири во последните 30 секунди од основниот дел. Потврдено е дека имало лична грешка на Весели врз Боломбој на 29 секунди пред крајот кои судиите не го забележаа, но најголема од сите грешки е онаа во следниот напад. Црвена Звезда не успеа да ја пренесе топката во предно поле за осум секунди, судиите не го санкционираа тоа (нова грешка), но тренерот на Барселона, Жоан Пењароја жестоко реагираше и доби техничка, по што арбитрите ја прегледуваа снимката и заклучија дека е во право.
„Ова не е ситуација во која може да се прегледува снимка, според правилата на игра на Евролигата, став 13, член 4.1. Погрешна одлука“, стои во извештајот.
Останатите грешки се однесуваат на играта. На 1:56 пред крајот, на Боломбој не му биле досудени чекори, на 1:14 на Весели не му била досудена лична грешка на Јаго, но две секунди подоцна, Чехот сепак добил лична иако станувало збор за чиста блокада.
Несфатливо е како ваква судиска тројка може да направи толку многу грешки на еден натпревар, особено ако се знае дека Лотермозер е еден од најценетите арбитри во Евролигата. Во случајов повеќе оштетена е Црвена Звезда, но грешките се на двете страни и на штета на натпреварот кој беше еден од најубавите оваа сезона во елитното натпреварување. На крајот, Барселона по продолжение славеше со 98-94 и ѝ ја прекина победничката серија на Црвена Звезда која до ова коло беше без пораз.


