Екипата на Пелистер остана со максимален ефект и по три одиграни кола во Првата лига откако вечерва го победи дебитантот МКК Куманово на домашен терен со 88-74.
Гостите долго време беа конкурентни, имаа водство и од десет поени разлика, но не можеа против фантастичниот шут од далечина на играчите на Пелистер кои погодија 16 тројки од 32 обида (50%). Освен тоа, не го издржаа високото темпо на домаќинот кој во финишот играше како тукушто да почнува натпреварот и тогаш ја направи клучната серија за победа.
МКК Куманово нешто подобро го почна натпреварот, во петтата минута водеше со 15-10, во шестата со 20-12, а во осмата и со највисоките 22-12. Во тој период одличен беше Луковиќ кој постигна 11 од првите 15 поени на гостинската екипа. Пелистер почна да се враќа на стартот на вториот квартал, прво се доближи на 35-36, а на три минути пред крајот на полувреме и израмни на 41-41. По тројката на Костоски го презеде водството и на голем одмор замина со предност од 50-47.
МКК Куманово не се предаде, на две минути пред крајот на третиот период водеше со 66-62 и тогаш почна клучната серија на Пелистер која го одлучи победникот. Ја стартуваше Лука Стојановски со три тројки во низа, се надоврзаа Едвардс, Стајиќ и Мишковиќ и Пелистер 18-0 со кои отиде на недостижни 80-66. На средина од последната четвртина, Пелистер ги достигна и највисоките 84-69.
Едвардс со 19 поени беше најефикасен кај Пелистер, Мишковиќ додаде 18, а Лука Стојановски 15. Радукиќ го предводеше МКК Куманово со 20 поени, Луковиќ додаде 19, а битолчани завршија голема работа во одбраната над Тадиќ кој остана на само седум поени, далеку од неговиот досегашен просек кој изнесува 25.


