Ненад Димитријевиќ одлично го почна својот престој во Олимпија Милано, но во следниот период ќе треба да се соочи со уште поголема конкуренција на плејмејкерската позиција.
Италијанските медиуми тврдат дека само детали го делат репрезентативецот Нико Манион од трансфер од Варезе во Олимпија Милано. Неговиот премин може да биде официјализиран веќе во текот на утрешниот ден откако тој го пропушти вчерашниот натпревар против Трапани. Најголем проблем претставува отштетата што ја бара Варезе, но нема никакво сомнение дека сето тоа ќе биде брзо решено.
Оваа сезона Манион игра фантастично во италијанското првенство каде досега има просек од 26,3 поени по натпревар. Со трансферот во Олимпија Милано тој би го означил своето враќање во Евролигата, а дебито за новиот клуб најверојатно ќе го забележи в четврток против Анадолу Ефес на домашен терен.


