Комесарот за натпреварување при Кошаркарската федерација на Македонија, Александар Милојевиќ денеска ги одреди казните за инцидентот што се случи во саботата, на „вечното“ дерби меѓу Работнички и МЗТ Скопје во Кале.
Казнети се двата клуба, по повеќе ставки, со вкупна сума од 132 илјади денари. Полошо помина Работнички кој ќе треба да плати вкупно 68 илјади за: слаба организација и дозволување внес во салата на пиротехнички материјали (8.000 денари), фрлање тврди предмети и петарди (24.000 денари), фрлање чадни бомби на терен (16.000 денари) и тоа што натпреварот бил во прекин повеќе од пет минути (20.000 денари).
Освен ова, суспендиран е теренот на Работнички и „центарци“ против Чаир во четвртото ни ТФТ во шестото коло ќе играат без публика.
МЗТ Скопје ќе треба да плати вкупно 64 илјади денари за: фрлање меки предмети на терен (4.000 денари), фрлање тврди предмети и петарди (24.000 денари), фрлање чадни бомби на терен (16.000 денари) и тоа што натпреварот бил во прекин повеќе од пет минути (20.000 денари).
Суспендиран е и теренот на МЗТ Скопје, но на еден натпревар што значи дека на мечот против МКК Куманово, прв за шампионот во својата сала оваа сезона, нема да биде дозволено присуство на публика.


