На денешен ден се навршуваат 60 години од раѓањето на еден од најдобрите кошаркари на сите времиња Дражен Петровиќ.
Поранешната југословенска и хрватска ѕвезда веќе 31 година не е меѓу нас откако на 7 јуни 1993 година го загуби животот во сообраќајна несреќа во близина на Денкендорф, Германија. И три децении подоцна, неговото име предизвикува почит кај секој искрен љубител на кошарката, особено на просторите на поранешна Југославија.
Во својата професионална кариера, Дражен Петровиќ играше за Шибенка, Цибона, Реал, Портланд и Њу Џерси. Освои две титули во тогашниот Куп на европски шампиони со Цибона со која триумфираше и во Купот на победниците на куповите, натпреварување кое го освои и со Реал. Особено беше успешен со југословенската репрезентација со која освои вкупно шест медали на големите натпреварувања, вклучувајќи злато на Светското првенство во 1990 и на Европското првенство во 1989 година. По распадот на Југославија, настапи за Хрватска на Олимписките игри во Барселона каде стигна до среброто, но за жал, тоа е последен голем настан на кој учествуваше.
По повод 60. роденден на Дражен, минатиот месец во Загреб се одигра меморијален натпревар на кој учествуваа голем број европски и светски кошаркарски ѕвезди, а вечерва во неговиот роден град Шибеник ќе се одржи светската премиера на долгометражниот играч филм во негова чест „Дражен“.


