Екипата на Бостон Селтикс уште на првиот меч од новата сезона потврди зошто повторно е најголем фаворит за освојување на шампионската титула.
Boston Celtics, 2024 NBA Champions ☘️🏆#TipOff24 #DifferentHere https://t.co/DlvRNxkXnO pic.twitter.com/ljGraDqkRL
— NBA India (@NBAIndia) October 23, 2024
По свеченоста во која играчите ги добија прстените за освоениот трофеј од минатата сезона, а под сводовите на арената беше кренат шампионскиот банер, Селтикс го демолираа Њујорк со 132-109 во меч во кој имаа и 35 поени предност. Клучен фактор за убедливиот триумф беше фантастичниот шут од дистанца имајќи предвид дека домашниот тим погоди 29 тројки со што го израмни рекордот на НБА.

Во последните минути, навивачите скандираа „Уште една тројка“ бидејќи со тоа ќе го собореа достигнувањето на Милвоки Бакс од 2020 година, но сепак домашните кошаркари не успеаја во тоа. Имаа дури 13 обиди да го соборат рекордот, но топката не сакаше да помине низ обрачот.
Џејсон Тејтум беше најефикасен во победничкиот тим со 37 поени, вклучувајќи 8 тројки, а додаде и 10 асистенции. Карл Ентони Таунс дебитираше за Њујорк со 12 поени и 7 скока, но прво име кај Њујорк беше Џејлен Брансон со 22 поена.


