Двата натпревара во ноемврискиот прозорец на ФИБА, Македонија ќе ги одигра против Литванија, на 21 на домашен, а на 24 на гостински терен.
Одамна е познато дека првиот меч ќе се одигра во салата Кале во Скопје, а Литванците изненадија со изборот на арената каде тие ќе не пречекаат. Македонија ќе гостува во Клаипеда, град пристаниште на Балтичкото море, оддалечен околу 200 километри од Каунас каде игравме со Литванија на Европското првенство во 2011 година и дојдовме до сензационалниот триумф и 300 километри од главниот град на Литванија, Вилнус.

Натпреварот меѓу Литванија и Македонија ќе се одигра во 18:30 часот по средноевропско време, во Швитурио арената која има капацитет од околу 6.200 места, а е отворена за потребите токму на Европското првенство во 2011 година и таму се одиграа натпреварите од групата Д.

Мечот во Клаипеда ќе биде прв пред литванската публика за новиот селектор Римас Куртинаитис откако своето официјално деби тој ќе го забележи во Скопје на 21 ноември.


