Поранешниот шампион Голден Стејт Вориорс оствари најубедлива победа во ноќешната програма во НБА, совладувајќи го Портланд како гостин со 139-104.
Со исклучок на првата четвртина, која заврши нерешено (21-21), во натамошниот дел, на теренот постоеше само една екипа – гостинската. Во следните три периоди Вориорс постигнаа 118 поени и тие ќе им беа доволни да стигнат до двоцифрен триумф на овој меч.
Натпреварот против Портланд беше прв за Голден Стејт по заминувањето на Клеј Томпсон во Далас. Искусниот шутер и претходните сезони ретко беше во составот поради повреди, но летоска одлучи да го напушти тимот кој го избра на драфтот и каде ги помина првите 13 сезони од кариерата. Навивачите беа во страв дека нема да има соодветна замена за него, но менаџментот се погрижи да го направи тоа. Дојде Бади Хилд кој во својот прв натпревар постигна 22 поена со пет тројки.
Првата ѕвезда на Голден Стејт, Стеф Кари остана покус за еден скок во обидот да стигне до трипл дабл. Постигна 17 поени, 10 асистенции и 9 скока, но со оглед на тоа што победникот беше решен уште во третата четвртина, немаше потреба во последниот квартал да влегува во игра. Скут Хендерсон беше најефикасен во тимот на Портланд со 22 поена.
РЕЗУЛТАТИ
Детроит – Индијана 109-115
Атланта – Бруклин 120-116
Мајами – Орландо 97-116
Филаделфија – Милвоки 109-124
Торонто – Кливленд 106-136
Хјустон – Шарлот 105-110
Њу Орлеанс – Чикаго 123-111
Јута – Мемфис 124-126
ЛА Клиперс – Феникс 113-116
Портланд – Голден Стејт 104-139


