Екипата на Чаир повеќе не е непобедлива во Првата македонска кошаркарска лига откако денеска доживеа убедлив пораз од Работнички.
Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб славеше во Кале со 86-63 и го поправи впечатокот по двата убедливи порази, од МЗТ Скопје во првенството и Босна во АБА 2 лигата. Всушност, ова беше најдобро издание за тимот од Градски парк оваа сезона, а во исто време најлошо за чаирчани кои претходните три меча ги добија со висока разлика.
Гостите ја имаа контролата над резултатот до средината на вториот период кога и го достигнаа највисокото водство (22-16). Работнички ја презеде иницијативата во 15. минута кога по 26-26, Робев и Дубински постигнаа по една тројка за 32-26. Нешто подоцна беше 38-30, а на голем одмор се замина со највисокото водство на една од екипите во првото полувреме, 43-34.
Доминацијата на домашниот тим продолжи и во третиот квартал, многу брзо отиде на двоцифрена разлика, на крајот од тој период беше 64-47, а Чаир покажа знаци на живот дури во последните десет минути кога намали на 11 разлика (58-69). Сепак, тоа беше со краток здив, Работнички направи 12-1 и ги реши сите дилеми.
Имран Полутак и Дамјан Робев беа клучни играчи за победата на Работнички, првиот постигна 27 поени и 8 скока, а вториот реализира 22 поена со пет тројки од шест обиди и додаде уште седум скока. Чаирчани шутираа многу лошо од игра, само 39% за разлика од 50% на Работнички, а беа и натскокани од ривалот (37/44). Најефикасен бешше Кели со 16 поени и 12 скока, но и лош шут од игра, 6/15.


