Кошаркарот на Партизан и српски репрезентативец, Вања Маринковиќ во поткаст кај неговиот поранешен соиграч од Басконија, Чима Монеке откри како течело славјето по повод освојувањето на бронзениот медал на Олимписките игри во Париз.
Србите дојдоа на доделувањето на медалите во прилично алкохолизирана состојба, но Маринковиќ кажа како се одвивало сето тоа.
„Вака оди приказната. Игравме за бронзен медал против Германија во 11 часот претпладне, а финалето беше во 21:30 и во меѓувреме немаше ништо. Што да правиме? Освоивме бронзен медал, заврши турнирот и нема да седиме и да го гледаме финалето. Нашите пријатели и семејството, сите беа таму. Мојата сопруга беше една од оние кои ја организираа прославата.
Изнајмивме еден ресторан во близина, не знам како најдоа и некој српски пејач, професионалец кој живее во Париз. И потоа пиевме од 14 до 22:30, без престан. Можеше да се види на церемонијата, паѓавме, јас им аплаудирав на сите. Јас сакам да пијам, ама волку…“, се присети Маринковиќ додека со Монеке се смееше за тоа што се случувало летоска.
Српските кошаркари, сепак, ја направија најголемата забава на Олимписките игри, а и покрај тоа што не ја освоија титулата, беа најинтересна приказна во Париз.


