По три одиграни кола во Првата А женска кошаркарска лига, најголемо изненадување е Крива Паланка која не само што се наоѓа на чело на табелата, туку успеа на три меча да направи кош-разлика од +100.
Тоа се должи на фантастичното трио кое го има овој тим, предводено од македонската репрезентативка Михаела Алексовска, а во кое се уште двете Американки, Дијани Робинсон и Одри Меклејни. Со оглед на тоа што најголем дел од кошаркарките на Крива Паланка се родени 2007 година и подоцна, екипата ја носи гореспомнатата тројка.
Особено се истакнува Робинсон која во првите три меча од сезоната покажа неверојатна ефикасност. Според официјалните записници од натпреварите, таа досега постигна вкупно 125 поени што е просек од безмалку 42 по натпревар. Во првото коло, против Патриот реализира 39, на Пробаскет му даде 32, а во дербито против Вардар во саботата броеше до – 54. Меклејни се истакна на друг начин и на еден од натпреварите оствари 30 скока, додека Алексовска, стандардно, веќе 4-5 години е лидер на овој тим.
На два од трите меча, Крива Паланка ја мина границата од 100 поени (112 и 117), а против Вардар остана на два од троцифрената граница (98). Со 327 поени, овој тим е убедливо најефикасен во досегашниот дел од првенството, пред Баскет Кам кој има 243.
Крива Паланка е предводена од 23-годишниот исклучително талентиран стручњак Виктор Петровски кој последната година учествуваше на семинарите во организација наа Евролига и беше гостин на тренерот на Црвена Звезда, Јанис Сферопулос, а претседателот на клубот Ведран Белешковски се обидува да ја оствари својата голема цел – трофеј во македонската кошарка. Можеби оваа сезона ќе успее во својата намера, барем ако се суди според почетокот на првенството.


