Францускиот вицешампион Париз првпат влезе во победничка серија во Евролигата откако на триумфот против Монако во претходното коло го додаде и денешниот против Алба.
На гостувањето во Берлин, Париз славеше со 92-83 и ја оствари третата победа во последните четири кола. Да не беа несреќните порази од Црвена Звезда и Олимпија Милано во воведните два меча, во дуели кога францускиот тим имаше висока предност, сега билансот ќе беше уште подобар.
До победата Париз стигна благодарение на фантастичниот финиш. По 83-82 за Алба, гостите направија серија од 10-0 и со неа го завршија натпреварот во германската престолнина.
Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс не беше на нивото од претходниот натпревар кога го освои признанието за играч на колото, но сепак за малку не оствари дабл дабл. За 26 минути во игра, тој постигна 11 поени и 9 асистенции и повторно даде голем придонес за победата на својот тим.


