Со биланс од една победа и еден пораз, вицешампионот на Македонија, Пелистер вечерва од 18 часот го пречекува лидерот во групата од АБА 2 лигата, тимот на Џокер.
Екипата од Сомбор триумфираше во првите две кола, во својот дебитантски настап на меѓународна сцена. Покрај големиот квалитет кој го поседува во своите редови, за регионални рамки, Џокер е најпознат по тоа што е во сопственост на семејството на Никола Јокиќ кој е и главен промотор на клубот.
Тоа ќе биде и главен мотив и предизвик за кошаркарите на Пелистер на кои им е неопходна победа вечерва за да го задржат чекорот со ривалите, во борбата за едно од првите две места на табелата. Дуелот со Џокер доаѓа во незгоден момент, по неочекуваниот пораз од Гостиварво саботата кога на битолчани ништо не им одеше од рака. Меѓу другото, тоа се должи и на проблемите во тимот за кои зборува тренерот Александар Петровиќ.
„Ни доаѓа тим кој е во подем и организационо и играчки и резултатски. Очекувам добар натпревар, добра посетеност и нашите верни ‘Чкембари’ да ни дадат поддршка на овој натпревар. Имаме кадровски проблеми, две-три недели сме без Бојиќ, минатата недела трениравме со само 7-8 кошаркари. Не одигравме преку цела недела ‘пет на пет’ и тоа се рефлектираше на натпреварот во Гостивар. Денес сме сепак скоро комплетни, нема да игра само Андрија Бојиќ против Џокер. Оќекувам реакција и добра игра, бидејќи ние на домашен терен сме поинаква екипа. Имаме ‘шести играч’ во нашите навивачи и со добра анализа на противникот се стремиме на победа“, рече Петровиќ.
Вчера се одигра првиот натпревар од групата во која се наоѓа Пелистер. Подгорица како гостин го совлада Широки со 93-87 и ја оствари втората победа сезонава.


