Огромен е револтот кај сите во Црвена Звезда по вечерашниот пораз од Жалгирис во меч во кој навистина имаше многу чудни судиски одлуки.
„Црвено-белите“ се толку лути што извештајот од натпреварот на официјалната интернет страница не беше класична ретроспектива на она што се случуваше во Каунас, туку соопштение со наслов „Брука и срамота“.
„Овој ‘натпревар’ претставува БРУКА И СРАМОТА ЗА ЕВРОЛИГАТА!
Почнувајќи од судискиот критериум и бројните судиски одлуки, преку однесувањето на записничката маса во текот на мечот, до срамното соопштение на ‘Здружението на навивачи на Жалгирис’ кое претставува речиси позив на линч. Конечно, кога е пуштен часовникот пред последниот шут на Брајан Данстон во Каунас и чиј превид и срам е тоа?
Црвена Звезда веќе втор натпревар во само шест кола во Евролигата има ‘судење’ поради кое директно ги губи натпреварите и поради кое ‘паѓаат’ судиите, но и поради што директно реагираат актери во Евролигата и играчи на други клубови, карактеризирајќи ги случувањата во Каунас како ‘нешто за што итно мора да се поведе сметка’“, се вели во соопштението на Звезда.
Првиот сомнителен меч на белградскиот тим беше оној против Барселона во четвртото коло кога Звезда загуби по продолжение, но во извештајот за судењето од Евролигата беше посочено дека имало голем број грешки на арбитрите, особено во финишот кога се одлучуваше победникот.


