Пелистер пропушти голема шанса да дојде до втората победа во АБА 2 откако на домашен терен загуби од српскиот претставник Џокер.
Битолскиот тим имаше предност и од 11 поени разлика во втората четвртина, но потклекна во второто полувреме и на половина од првата фаза има биланс 1/2. Тренерот Александар Петровиќ ги лоцираше причините за поразот.
„Противникот имаше 17 скока повеќе од нас, тоа се 17 напади повеќе и нормално дека тука лежи причината за поразот. Штета за оваа шанса која ни се укажа, имавме многу отворени шутеви, но промашивме и бевме брзоплети во нападите во финишот“, рече искусниот стручњак.
Шанса за поправен Пелистер ќе има за две недели кога ќе му гостува на истиот противник, но секако најважен ќе биде дуелот против Подгорица на домашен терен.


