Тренерот на Панатинаикос, Ергин Атаман јавно објави дека на 22 ноември ќе ја води турската репрезентација против Унгарија, во квалификацискиот дуел за Европското првенство во 2025 година.
Истиот ден неговиот тим игра евролигашки меч против Жалгирис во Каунас, но актуелниот европски шампион ќе биде предводен од асистентот на Атаман.
„Во овој момент можам да кажам дека на 22 ноември ќе ја предводам репрезентацијата на Турција, а потоа и вториот меч од квалификациите што ќе се играат овој месец. Се надевам дека на располагање ќе имам кошаркари кои настапуваат во Евролигата, а наскоро ќе се најде решение со ФИБА“, посочи Атаман.
Жалгирис е најпријатно изненадување во Евролигата оваа сезона и во моментов лидер во елитното натпреварување. До мечот во Каунас, Панатинаикос има уште три натпревари во Евролигата.


